Хрватските фудбалери ја совладаа Австрија со 3:1 во Виена и со тоа се пласираа на завршниот турнир од Лигата на нации.

Актуелните светски вицешампиони го задржаа првото место во групата 1 од елитната дивизија и со тоа обезбедија место меѓу четирите најдобри селекции во натпреварувањето.

Пласманот на фајнл-фор турнирот закажан за јуни следната година го обезбедија со 13 бода, еден повеќе од второпласираната Данска.

Воопшто не им беше лесно против Австрија, која со евентуална победа можеше да опстане во А Лигата на нации.

Беа забележани два гола во раната фаза од натпреварот. Најпрвин Лука Модриќ погоди на асистенција на Влашиќ во шестата минута, а Баумгартнер во деветтата минута го врати резултатот на почеток по центаршутот на Сабицер.

Австријците имаа неколку шанси да стигнат до пресврт, но голманот на гостите Ливаковиќ во неколку наврати одлично реагираше.

Во 64. минута Ралф Рангник реши да го замени Марко Арнаутовиќ и се чини дека од тој момент се распадна концептот и системот на домашните.

Најпрвин во 69. минута Марко Ливаја постигна гол со глава на втората статива по центаршутот на Перишиќ, а три минути подоцна на сличен начин погоди и Дејан Ловрен, на асистенција на Ловро Мајер.

Перишиќ набрзо ја погоди гредата, Австријците се обидоа да се вратат, но не успеаја, а натпреварот заврши со резултат 3:1 во корист на Хрватска.

https://www.dailymotion.com/video/x8dyxp6

Во вториот натпревар од оваа група Данска ја совлада Франција со резултат 2:0.

Скандинавскиот тим во рок од пет минути постигна два гола.

Најпрво во 34. минута Долберг одлично реагираше по центаршутот на Дамсгард и само ја смести топката во мрежата на Ареола.

Предноста на Данска ја удвои Сков Олсен во 39. минута, по одбиената топка од корнер, прекрасно ја фати топката со левата нога и биеше прецизно во голот на светскиот шампион.

Французите се обидоа барем да го намалат резултатот, но Шмајхел во два наврати добро реагираше.

Еднаш го одбрани ударот на Гризман, а вториот на Мбапе, па резултатот остана непроменет.

https://www.youtube.com/watch?v=_EUEmY9F880

Standings provided by SofaScore