Напаѓачот на кралевите Марко Асенсио е се поблиску до трансфер од Реал Мадрид во Барселона. Веста ја објави каталонската радио станица „RAC1“, која тврди дека Асенсио договорил четиригодишна соработка со Барса.
Асенсио е во последната година од договорот и нема апсолутно никакви индикации дека би можел да ја продолжи соработката со Реал.
Жорге Мендеш го презеде Асенсио, а тоа не му се допадна на Флорентино Перез. Асенсио бараше поголема минутажа и посилен договор, но не ја доби, напротив, Шпанецот целосно падна во втор план од почетокот на сезоната.
Шпанецот има 26 години, но не игра доволно и затоа сака нов предизвик.
Она што сепак фрла сомнеж во оваа приказна е идејата на Барселона да го врати Лео Меси.
Деновиве каталонски извори, а притоа многу сигурни, пишуваа за идејата на Чави да го врати Меси барем уште една сезона.
Асенсио не е ист тип на играч, никој не е сличен на Меси, но факт е дека и двајцата се офанзивци, а тука се и Дембеле, Рафиња, Феран Торес. Сигурно дека Чави ќе мора да продаде еден од нив, со тоа што Депај сигурно ќе си замине на лето.
Асенсио е добра можност, бидејќи е слободен, а сигурно е дека и Лапорта би сакал да ја ангажира слободната ѕвезда на Реал и да го „запали“ Флорентино Перез. Но, од фудбалска страна, иако е девет години постар, сигурно секој навивач на Барселона повеќе би сакал да се врати Лео Меси.