Борусија Менхенгладбах се врати на победничките патеки во германската Бундеслига со триумфот од 5-2 против Келн во деветтото коло од домашниот шампионат.
Во Менхенгладбах беше одигран доста интересен меч, а во првото полувреме беа постигнати три гола, и тоа два од страна на Борусија од Бенсебаини и Фридрих, додека на спротивната страна погоди Каинц, кој подоцна доби и црвен картон.
Црвениот картон на гостите им создаде големи главоболки бидејќи Борусија го искористи тоа за да им ја наполни мрежата, па така најпрво преку Штиндл зголеми на 3-1, а Бенсебаини погоди за 4-1.
Хусеинбашиќ стрелаше за 2-4 во 83. минута и ја врати надежта кај „јарците“, но сепак Турам во 91. минута ја запечати судбината на Келн и ги постави конечните 5-2.
Борусија има 15 бодови на шестата позиција, додека Келн падна на деветтото место и има 13 бода.