Последните години Барселона извади неколку големи таленти од својата школа, некои станаа носители на играта на тимот, а некои брзо паднаа во сенка, па дури и си заминаа, но никој не го направи она што му успеа на 17-годишниот Марк Гују.
Поради големиот број повредени фудбалери, тинејџерот вчера се најде на списокот на Чави за дуелот со Атлетик Билбао, а потоа, од немајкаде, во обид да се постигне гол, доби шанса во последните 15-тина минути, сметајќи го и продолжението. Во својот прв контакт со топката, Гују го совлада противничкиот голман и ѝ донесе на Барса важни три бода во обидот да се стигне големиот ривал Реал Мадрид.
За тоа му требаа само 33 секунди во игра со што 17-годишникот стана најбрз стрелец во историјата на Барселона. Во игра влезе во 78:41 минута, а голот го постигна во 79:14 минута и сето тоа во своето деби за првиот тим на каталонскиот клуб.
Интересно е тоа што синоќешниот гол беше прв за него оваа сезона иако игра и за Б-тимот на Барселона во Третата лига. Таму забележа еден настап досега и не се запиша во листата на стрелците, но затоа е меѓу голгетерите на актуелниот шпански првак.