Менаџерот на европскиот првак Челси, Томас Тухел изјави дека „сините“ го добиле можеби најтешкиот ривал во четвртфиналето во Лигата на шампионите, откако им падна најтрофејниот клуб Реал Мадрид за противник на денешната ждрепка.

Реал кој го мина ПСЖ во трилер двомеч со вкупни 3-2, сега добива нов гигант за ривал на патот кон нова европска титула и тоа акуелниот владетел Челси, кој немаше преголема мака за да ја мине првата елиминациска фаза, со двете победи против Лил со 2-0 и 2-1.

„Нѐ чека тежок ривал. Не можеше да биде поголем предизвикот за сите нас, посебно тоа што реваншот е на ‘Бернабеу’. Ова е голем предизвик за сите, ама и голема возбуда. Знаеме што нѐ чека, што доаѓа и ќе биде интересно“, рече Тухел.

Првите мечеви се на програмата на 5 или 6 април, а реваншите седум дена подоцна. Челси или Реал во полуфиналето го чека подобриот од втората џиновска пресметка Атлетико Мадрид – Манчестер сити.