Баерн не е многу среќен што за противник доби шпанска екипа. Германскиот првак и великан , барем на хартија доби „полесен“ противник во шпански Вилјареал, па Баварците избегнаа мега дуел со некој од великаните, но сето тоа ништо не значи, а и Германците имаат една голема мака – им се стемнува кога ќе им паднат Шпанци.
Осумпати досега Баерн во елиминациска фаза играл против шпанските клубови и ефектот не им е баш за гордеење, зашто дури на пет загубиле, а од трите победи две им се против Барселона, која сезонава не дочека елиминациска фаза.
Баварците трипати досега беа елиминирани од Реал Мадрид и во сите три сезони „кралевите“ ја освојуваа круната – во 2014, 2017 и 2018 година. По една елиминација имаат од Барселона во 2015, кога Каталонците стигнаа до својата петта евротитула и од Атлетико Мадрид во 2016, кога мадридските црвено-бели играа финале.
Сега пред нив е Вилјареал, а во Минхен сите се свесни дека нималку лесна задача не ги чека против „жолтата подморница“.
„Јас бев фудбалер на Јувентус и знам колку тешко е да се победи тој клуб, а не па да го победите во Торино со 3-0. И тоа јасно покажува каква екипа е Вилјареал, но ние сме Баерн и гледаме напред, оптимистички ги чекаме пресметките“, вели спортскиот директор на Баварците, Хасан Салихамиџиќ.