Фудбалерите на Челзи и Реал Мадрид забележаа важни победи во третото коло од Лигата на шампионите.

Во дербито на вечерта, Челзи беше домаќин на Милан и неочекувано лесно победи со 3:0, додека Реал Мадрид го победи Шахтјор со 2:1.

Челзи вечерва беше под притисок, бидејќи во првите две кола освои само бод, додека Милан со четири пристигна во Лондон, како лидер на табелата.

Сепак, односот на силите на теренот покажа дека Челзи е многу подобар тим во моментов, бидејќи домашниот тим целосно ги надигра „росонерите“.

Челзи поведе во 24. минута, по корнер, Фофана се најде на вистинското место и погоди за 1:0. За жал, веќе во 38. минута Фофана поради повреда мораше да го напушти теренот, а на негово место влезе Чалобах.

Челзи продолжи да меле и во вториот дел, а во 56. минута Џејмс во шеснаесетникот го пронајде Обамејанг, а Габонецот рутински погоди за 2:0.

Само шест минути подоцна Џејмс повторно беше во центарот на вниманието, овојпат беше стрелец, по асистенција на Стерлинг.

Милан вечерва не беше вистинска закана и Пиоли ќе мора да смисли нешто подобро за реваншот следниот вторник, бидејќи пласманот на табелата сега е многу неизвесен – Салцбург има пет бода, Милан и Челзи имаат по четири, а Динамо три.

Реал Мадрид потврди дека е апсолутен фаворит во својата група, бидејќи лесно дојде до третата победа и со едната нога е во осминафиналето како првопласирана екипа.

Веќе во 13. минута Родриго погоди за 1:0, а во 28. Бразилецот го пронајде својот сонародник Винисиус за 2:0, што беше една од најубавите акции оваа сезона во Лигата на шампионите.

Шахтјор успеа да се врати, Зубков постигна ефектен гол за 2:1 во 39. минута, но тоа беше се.

Реал имаше преку 30 удари кон голот, можеше и поубедливо да слави, доколку Бензема искористеше неколку чисти шанси. Мадриѓаните мирно патуваат на реваншот со Украинците за да го потврдат првото место, бидејќи сега имаат девет бода, Шахтјор четири, Лајпциг три, а Селтик еден.

https://www.dailymotion.com/video/x8e8aw8