После седум гола во осум кола во шкотскиот Премиершип и второ место на листата на стрелци, македонскиот репрезентативец Бојан Миовски брзо го сврте вниманието на Островот и уште пред неполн месец се појавија првите најави дека големи клубови сериозно го следат Македонецот, ама славниот Абердин нема намера брзо да го продаде.
Новинари од Шкотска, а и самиот тренер Џим Гудвин коментираа дека Миовски со ваквото темпо на давање голови брзо ќе го сврти вниманието прво на домашните великани Селтик и Глазгов Ренџерс, ама и на премиерлигашките клубови. Сепак, дури и да дојдат официјални понуди, Гудвин уште сега – стави „вето“. Трансфер нема да има во јануари.
„Не сакаме, ниту бараме да продадеме некого. Во овој момент не ни размислуваме, зашто сакаме да изградиме навистина добар тим. Ние ќе сториме сѐ за сите да бидат што е можно подобри. Ние за Бојан одевме по премисата, ако игра добро за Абердин ќе сѐ издигне и како фудбалер и на пазарот и тоа не само во Шкотска, туку и во Европа. Бојан досега е извонреден и јас не сум загрижен ако има интерес од други клубови. Не ме загрижува такво нешто дека некого ќе загубам. А, прерано е за такво нешто, зашто Миовски сѐ уште е на влезната врата. Кога некој фудбалер игра добро, не само Миовски, јасно е дека веднаш ќе го сврти вниманието на големите клубови. Но, без разлика на сѐ ние сме финансиски во добра кондиција и нема зашто да брзаме за некого да продадеме, посебно Миовски“, рече Гудвин.