Европската фудбалска федерација има проблем со натпреварот помеѓу Рен и Тотенхем во Конференциската лига.
Од Тотенхем се немаат огласено за ова, а се чини дека нема да се жалат премногу доколку испаднат од Лигата на конференциите.
Дуелот од последното коло од групата Ф требаше да се одигра во четврток, но беше одложен поради големиот број заболени од коронавирус во редовите на лондонскиот тим.
Францускиот тим го обезбеди првото место во групата со 11 бодови, додека Тотенхем е трет со седум, три помалку од второпласираниот Витесе.
Сепак, нема термин за одигрување на овој натпревар до крајот на годината, а се уште не се знае каков ќе биде епилогот.
Случајот е упатен до телото на УЕФА, кое се занимава со контролни, етички и дисциплински прашања.
Оваа комисија ќе испита и ќе утврди дали Спарс имаа 13 играчи кои можеа да настапат на овој натпревар.
Како што стојат работите, најреално е да се очекува дека на Рен ќе му биде доделена победата со службен резултат 3:0.
Слична ситуација беше и лани кога УЕФА поради истата причина ја додели победата на Швајцарија против Украина.
Исто така, во август 2020 година шампионот на Северна Ирска, Линфилд, ја мина Приштина во квалификациите за Лигата на шампионите и покрај тоа што тимот од Косово не можеше да настапи поради случаи сп корона.