Легендата на Барселона, Чави Ернандез, кој ги препороди Каталонците откако седна на клупата и паралелно гради нов доминантен тим на Барса, влезе во историјата на „ел класико“, откако вчера со својот тим му нанесе катастрофа на Реал Мадрид среде „Сантјаго Бернабеу“ со триумфот со 4-0.
Чави стана првиот тренер на Барселона во историјата на „ел класико“ после цели 63 години, кој успеал на дебито на најголемите дерби пресметки во Шпанија, да дојде до победа со четири дадени гола.
Пред него, само легендарните Фердинанд Даучик и Хеленио Херера имале вакви дебија за каталонската гордост и тоа во 50-те години од минатиот век. Даучик во 1951 година дебитираше во најславното дерби со победа со 7-2 на „Лес Кортс“, а Херера во 1959 година дебитираше со триумф со 4-0 против „кралскиот клуб“ на „Камп Ноу“.