Аргентинецот од Јувентус Пауло Дибала се уште нема нов клуб, но тоа би можело да се промени многу брзо. Според италијанскиот весник „Ла Република“, голема е веројатноста аргентинскиот интернационалец да потпише договор со Атлетико Мадрид.

Тој е голема желба на Диего Симеоне, кој се стреми да го привлече својот сонародник на „Ванда Метрополитано“.

Дибала стана слободен играч на крајот од минатата сезона, кога му истече договорот со Јувентус. Се очекуваше тој веднаш да потпише со Интер, но преговорите меѓу двете страни се оддолжија премногу. „Нероаѕурите“ не можат да си дозволат да му платат на Аргентинецот, ако прво не продадат барем еден фудбалер.

Пред Дибала е и опцијата за Манчестер Јунајтед, доколку „црвените ѓаволи“ се разделат со Кристијано Роналдо. За 28-годишниот офанзивец има интерес и од Наполи, Милан, па дури и новакот во Серија А, Монца.