Денеска во 12 часот во Франкфурт ќе се изврши ждрепката за квалификациските групи за ЕП 2024 во Германија.
Фудбалерите на Македонија се во четвртиот шешир на денешната ждрепка. Избраниците на Благоја Милевски имаа неуспешен настап во Лигата на Нации и шансата за пласман на ЕП ќе ја бараат преку квалификациите .
Квалификациите ќе се играат од март до ноември 2023 година. Ќе има десет групи, а на ЕП ќе играат двете најдобри селекции од секоја. Седум групи ќе имаат по пет екипи, а три групи ќе имаат шест.
Кога ќе завршат квалификациите заедно со домаќинот Германија ќе имаме 21 учесник. Уште тројца учесници ќе дојдат во плеј-офот од Лигата на нации, кој ќе се игра во март 2024 година.
Составот на шеширите се одредуваше исклучиво врз основа на резултатите во Лигата на нациите.
Она што се знае пред ждрепката е дека Холандија, Хрватска, Шпанија и Италија ќе играат во групи со по пет селекции, за да се растеретат за јунскиот термин кога ќе се борат за титулата во Лигата на нации.
Изненадувачки е дека во вториот шешир ќе бидат Англија и Франција, кои секако ќе бидат непремостливи пречки за екипите од третиот шешир.
Вториот шешир го сочинуваат: Франција, Англија, Австрија, Чешка, Велс, Израел, Босна и Херцеговина, Србија , Шкотска и Финска. Орлите нема да можат да играат со овие екипи.
Во првиот шешир се: Холандија, Хрватска, Шпанија, Италија, Данска, Португалија, Белгија, Унгарија, Швајцарија и Полска.
Третиот шешир го сочинуваат: Украина, Исланд, Норвешка, Словенија, Албанија, Црна Гора, Романија, Шведска и Ерменија.
Во четвртиот шешир се: Грузија, Грција, Турција, Казахстан, Луксембург, Азербејџан, Косово, Бугарија, Фарските Острови и Северна Македонија.
Петтиот шешир го сочинуваат: Словачка, Северна Ирска, Кипар, Белорусија, Литванија, Гибралтар, Естонија, Летонија, Молдавија и Малта.
Во последниот шести шешир се: Андора, Сан Марино и Лихтенштајн.
Многу ограничувања ќе има ждрепката во Франкфурт. Србија поради политичката ситуација нема да може да биде во иста група со Косово, а исто така и Босна и Херцеговина не може да биде во иста група со Косово. Истата приказна е со Шпанија и Гибралтар, Украина и Белорусија и Ерменија и Азербејџан.
Интересно е што во ниту една група не може да има повеќе од две репрезентации од осум земји каде температурите се многу ниски во зимските месеци (Белорусија, Естонија, Фарски Острови, Финска, Исланд, Латвија, Литванија и Норвешка), а исто така е ограничиен бројот на дуели кои вклучуваат напорни патувања од над осум часа со авион.
На прв поглед е јасно дека Македонија може да добие група низ која ќе може да се надигрува и да избори пласман на ЕП, но и многу непријатна група, бидејќи има селекции во вториот и третиот шешир кои можат да бидат проблем.
Убедливо најтешка група би можела да биде: Шпанија, Франција, Украина, Македонија и Словачка.
Идеална група би била: Унгарија, Финска, Ерменија, Македонија и Гибралтар.