Поради руската инвазија на Украина, каде што живее дел од неговото пошироко семејство, рускиот капитен Артем Џуба му порачал на рускиот селектор и на Федерацијата дека нема да игра за националниот тим извесен период .
Капитенот на руската фудбалска репрезентација Артем Џуба не беше повикан на собирот на Русија поради тешката ситуација во Украина, каде што живеат роднините на играчот, објасни селекторот на руската репрезентација.
„Со оглед на тешката ситуација во Украина, каде што живеат многу членови на неговото семејство, Артем се извини и побара од семејни причини да не биде повикуван на следните собири на руската репрезентација“, објасни Валери Карпин во интервјуто објавено на веб-страницата. на Руската фудбалска асоцијација..
„Се договоривме да останеме во контакт и внимателно ќе ги следам неговите следни натпревари со Зенит Санкт Петербург“, додаде тој.
Таткото на Џуба е Украинец од Полтава, а неговата мајка е Чувашкиња.
По инвазијата на руските сили на Украина, ФИФА одлучи да ја исклучи Русија од квалификацискиот плеј-оф за Светското првенство во 2022 година и натпреварот со Полска подоцна овој месец. Руската фудбалска федерација ја оспори оваа одлука пред Судот за спортска арбитража (CAS) и побара нејзино поништување, за што CAS ќе одлучи наскоро.
Што и да се случи, селекцијата ќе се собере од 21 до 27 март, изјави Карпин, а точната програма на подготовките, како и пријателските натпревари ќе биде објавена подоцна.
„Како што веќе направив, од логистички причини, решив да не повикувам играчи кои играат во европските клубови на овие подготовки“, додаде Карпин.