Македонската ракометна репрезентација е на чекор до пласман на Европското првенство. Новата генерација со помош на неколку искусни имиња, предводена од стратегот Кирил Лазаров со две убедливи победи ги отвори квалификациите за континенталното натпреварување во 2024 година. На домашен терен беше совладан Луксембург со 38-24, додека денеска во Ван, нашите ракометари славеа со 27-36.
Иако сите очекуваа дека мечот ќе биде поинаков од старт, сепак во Ван лесно го решивме мечот, по само 13 минути, Македонија водеше со 9-0 и веќе стави до знаење дека ќе си оди дома со целиот плен.
Ваква разврска не очекуваше дури ниту Лазаров, бидејќи ни самиот не е на чисто што може да очекува од оваа селекција.
„Искрено не очекував. Се уште не сум на чисто што можам да очекувам од оваа млада и неискусна репрезентација на Македонија. Дефанзивно отворивме добро на чело со Митревски на голот, потпомогнат од нашата одбрана“.
Селекторот на нашиот национален состав им честиташе на сите во тимот, кои придонесоа за изградба на новата Македонија.
„Во целост сум задоволен и од мечот со Луксембург и денеска со Турција. Честитки за сите играчи и стручниот штаб, и сите луѓе кои помагаат да изградиме нова сериозна репрезентација“.