Македонската ракометна репрезентација успешно стартуваше во квалификациите за ЕП во 2024г. Во видно изменет состав, без лидерите кои со години го носеа товарот, Македонија успеа да запише две важни победи, и тоа  убедливи.

Совладани се репрезентациите на Луксембург и Турција, „црвено-жолтите“ на своето конто имаат четири бода и веќе се на чекор до пласман на ново големо натпреварување. Против силната Португалија ќе се борат за првото место во групата, а пресметката со оваа селекција е закажана во март следната година.

Македонија е во друштво на 14 од вкупно 32 селекции кои имаат перфектен скор на стартот на квалификациите.

Младата генерација заедно со неколку искусни имиња испрати порака дека е гладна за докажување, дури успеа да го изненади Кирил Лазаров во Ван, во првите 13 минути го реши победникот откако поведе со 9-0 и до крај не му дозволи на противникот да се врати во живот.

Бековите Талески и Кузмановски покажаа дека се подготвени да ги поведат останатите, Митревски како и секогаш ја даде потребната стабилност на голот, зад себе ги има Томовски и Кизиќ, кои знаат да бидат добра замена, дозата на искуство на Гоце Георгиевски е незаменлива, а посебно радува кам-бекот на Дејан Манасков.

По долго време по повредата на коленото се врати во националниот дрес, заедно со Талески беа вистински лидери на теренот. Манасков постигна пет гола во првиот меч по паузата, со него сликата на теренот е поинаква.
ДДД

Добра оценка заслужуваат и останатите ракометари, бидејќи без пардон ја користеа секоја шанса да постигнат гол.

Лазаров најави дека ги чека уште многу работа, а поголемиот тест ќе следи на претстојното Светско првенство во 2023 година, каде дефинитивно ќе треба да се има трпение, бидејќи Македонија се гради, а ќе треба да созрева против силни противници.

Пораката од Ван е многу јасна – ракометот останува спорт број еден во Македонија, бидејќи на еден чекор е Европско првенство во 2024 година.