Порто и Никола Митревски одиграа интересен и неизвесен натпревар во второто коло од Лигата на шампионите на домашен терен против Фленсбург и во драматична завршница славеа победа од 28:27.
Порто имаше перфектно отварање на натпреварот и поведе со 3:0, но во продолжение Фленсбург брзо успеа да израмни и се играше гол за гол.
Првите десетина минути од второто полувреме се играше израмнето, но од 40. минута започна серијата на Фленсбург за водство од 20:17. Никола Митревски влезе во игра во 44. минута на местото на дотогаш солидниот Франдсен и имаше неколку интервенции кои помогнаа Порто повторно да израмни.
Едно исклучување на ракометарите на Порто гостите го искористија и повторно направија солидна предност. Салина погоди во 58. минута за 26:27, а потоа Митревски уште еднаш одбрани и домаќините имаа напад за израмнување, а Круз реализираше за нерешено во последната минута. Митревски уште еднаш одбрани, а Ареа погоди од седмерец за победа на Порто.
Најефикасен во составот на Порто беше Салина со шест гола, а Круз постигна четири погодоци. Никола Митревски имаше шест одбрани од тринаесет удари со 46 % успешност за петнаесетина минути на теренот . Во тимот на Фленсбург најефикасен беше Ване со осум гола. Судии на овој дуел беа нашите најдобри судии, Славе Николов и Ѓорѓи Начевски.