Ракометната женска репрезентација доби посакувана група за квалификациите за Еуро 2024 во Австрија, Унгарија и Швајцарија, откако денес ги доби Шпанија, Литванија и Азербејџан во групата 5 од евроквалификацискиот циклус.
Македонија беше во втор барабан по рејтинг на ждрепката, избегна три незгодни селекции од третиот барабан, како Украина која нѐ елиминира од баражот за СП и Португалија и Турција, па ги доби Литванките од истиот, а Азербејџан од најслабиот, па Шпанија како носител е апсолутен фаворит во групата.
На Еуро 2024 одат првите две селекции како и најдобрите четири третопласирани во квалификацискиот циклус, па Македонија има голема шанса вторпат по ред да се најде на континенталната завршница после ланскиот настап како ко-домаќин на шампионатот.
Директен пласман на Еуро 2024 имаат трите домаќини Австрија, Унгарија и Швајцарија, како и европскиот првак Норвешка.