Ракометарите на Тиквеш триумфираа против Бутел со 22-21 и ја запишаа третата победа во плејофот во македонската Суперлига, додека актуелниот шампион Пелистер триумфираше со 32-29 против Пролет.
Пелистер со неколку млади ракометари му се спротистави на Пролет, но на паркетот го имаше расположениот Филип Кузмановски кој одигра неверојатен натпревар. На битолскиот состав му припадна првото полувреме со 16-13, но во вториот дел се случуваше вистинска драма.
Пролет на крилјата на Андоновски и Димовски израмни на 25-25, но Пелистер не дозволи изненадување од ривалот, па во завршницата ја презеде контролата и славеше со 32-29.
Кузмановски одигра спектакуларен натпревар и постигна 17 голови, додека Радивојевиќ и Петровиќ постигнаа по пет голови. Во составот на Пролет најдобри беа Андоновски и Димовски со по шест погодоци.
Бутел имаше подобар старт и водство од 5-3, но Тиквеш влезе во одличен ритам и до полувреме создаде предност од три гола (14-11).
Тиквеш во второто полувреме продолжи да доминира и да поведе со 18-13, но потоа почнаа проблемите за екипата од Кавадарци и Бутел успеа да израмни на 21-21. Сепак, гостинскиот состав со гол во самата завршница обезбеди голема победа (22-21).
Манасков и Темелковски постигнаа по шест голови за Тиквеш, додека Николов беше најефикасен кај Бутел со 11 погодоци.