Барнли е лидер во Чемпионшип и веќе обезбеди место во Премиер лигата за следната сезона. Пред промоција е и тимот на Шефилд јунајтед, додека за третото место кое се решава преку плејоф дуели, борбата е неверојатна.

Екипите кои се од третото до шестото место на табелата ќе разигруваат за едно место во Премиер лигата. Голема е битката и околу тоа кои ќе бидат екипите за место во плејофот. Милвол кој е на петото место има 65 бодови, додека Престон кој е на 11 позиција заостанува само три бода, што значи дека дури седум екипи имаат шанси за влез во плејофот.

Синоќа се одигра дерби меѓу Блекбурн и Ковентри. Блекбурн е шести со 64 бодови, а Ковентри има еден бод помалку, откако нивниот последен меч заврши 1:1. Блекбурн водеше со 1:0 се до 95 минута. Беше досуден корнер за гостите, а пред противничкиот гол дојде, голманот на гостите, Бен Вилсон.

Тој најдобро се снајде во мешаницата и успеа да ја протне топката во голот на Блекбурн за израмнување 1:1.

 

По овој погодок на голманот, на трибината каде што беа гостинските фанови се случи вистинско лудило. Навивачите знаат дека овој гол може многу да значи во трката за место во плејофот.