Манчестер Сити се пласира во полуфиналето на ЛШ каде ќе оди на дуел со актуелниот шампион Реал Мадрид. „Граѓаните“ одиграа 1-1 на реваншот на „Алијанц арена“ против Баерн Минхен, а ја сочуваа големата позитива (0-3) од првиот меч на „Итихад“.
Ерлинг Халанд во 38.минута не успеа да реализира пенал, но во 57.минута сепак донесе водство за Манчестер Сити. Баерн стигна до израмнување во 83.минута, со голот од пенал на Џошуа Кимих.
Интер и Бенфика одиграа исклучително ефикасен натпревар кој заврши нерешено 3-3. Нероазурите со вкупни 5-3 одат во полуфиналето.
Резултатот беше отворен уште во 14. минута кога Барела постигна убав гол за водство на Интер од 1-0. Во 38. минута Бенфика преку Аурснес изедначи на 1-1.
По 20 минути игра во вториот дел, Лаутаро Мартинез го врати водството на Интер, во 78. минута Кореа со убав погодок зголеми на 3-1.
Во 86. минута Антонио Силва со глава намали на 3-2, а Муса во петтата минута од продолжението даде гол за конечни 3-3. Бенфика избегна пораз, но не избегна и елиминација од Лигата на шампионите.