Фудбалската репрезентација на Македонија може да игра пријателски натпревар против Украина, по барање на источноевропската селекција која сака да се подготви за баражот за СП 2022.
Украинците разгледуваат две пријателски средби за време на камп кој се планира да се организира како подготовка за мундијалскиот бараж против Шкотска кој беше поместен од предвидениот термин поради воениот конфликт со Русија. Засега, не е познато овој меч кога ќе се игра, но опции се пријателски натпревари со Македонија и Франција. Исто така, тука е и можен контролен натпревар против Италија.
Се водат преговори за контролната средба, а наскоро ќе биде познато дали Украинците ќе се соочат со Македонија во натпревар во кој главен фокус ќе биде да се одржи формата на националниот тим. Се уште не е дефинирано и можното место на одигрување на овие два натпревари.
Информацијата за преговорите меѓу Македонија и Украина за пријателски натпревар ја соопштија од украинската фудбалска федерација. Баражот меѓу Украина и Шкотска за СП 2022 може да се игра на 31 мај или 1 јуни. Македонија, пак, во јуни ја чекаат натпревари во Лигата на нациите.
Македонија и Украина играа во групната фаза на Европското првенство (ЕП) кое се одржа лани, а мечот го добија Украинците (1-2).