Главната битка за најпосакуваниот фудбалски клупски пехар, „големите уши“ во Лигата на шампионите, е вечерва со спектакл на титаните, најтрофејниот Реал Мадрид гостува кај финансиски најмоќниот Пари Сен Жермен засилен сезонава и со Лионел Меси во обид да го донесе највредниот пехар во француската престолнина. Во сенка на пресметката на „Паркот на принцовите“, вториот најмоќен и модерен гигант Манчестер сити гостува во Лисабон кај Спортинг во првите осминафинални пресметки.
Реал Мадрид и ПСЖ досега десетпати играле меѓусебе во изминативе безмалку 30 години и само еден од десетте меча завршил без голови, што е најава дека љубителите на фудбалот ќе уживаат во нов спектакл на фудбалскиот терен, во кој двата тима ќе се обидат да обезбедат некаква предност.
Откако ПСЖ со катарските милијарди стана европска суперсила, има само една победа во шесте досегашни меча и една елиминација во оваа фаза од осминафиналето пред четири години, кога „кралевите“ дотуркаа до Киев и до рекорден хет-трик на трофеи под палката на Зинедин Зидан и со Кристијано Роналдо во тимот. Реал двапати победи во двомечот, со 3-1 во Мадрид, со 2-1 во Париз, па сега ПСЖ ќе сака реваш за таа елиминација, а под лупа ќе биде Меси како адут на парижаните и Мбапе поради можното заминување на лето во „кралскиот клуб“.
„Притисокот е ист и за двата клуба, нема поголем или помал притисок за некој од двата тима. Многу го почитувам Реал Мадрид, тоа е еден од најголемите клубови на светот, сѐ има освоено и според мене – нема фаворит на мечот. Ова е ‘финале’, ако видиме кој сѐ игра и со каков квалитет располагаат двата тима“, вели Маурисио Покетино, тренерот на „светците“.
Единствената победа на ПСЖ во изминатава деценија против Реал е во групите пред три години, кога славеа со убедливи 3-0 и во двомечот останаа непоразени, а Карло Анчелоти ќе го има Карим Бензема како свое главно одужје, зашто Французинот сезонава игра во пеколно добра форма и буквално е незадржлив, а со Винисиус супер-тандем во нападот. Сепак, клучот е стандардното трио во средината Крос-Касемиро-Модриќ, кое донесе три европски круни од 2016 до 2018 година.
„Самиот дуел со ПСЖ не е притисок, туку мотивација повеќе. За вакви мечеви не треба многу голема подготовка, зашто мотивацијата доаѓа сама по себе и очекувам меч, на кој ние ќе треба да бидеме на највисоко ниво. И двата тима ќе се обидат да наметнат посед, да искористат простор за противнапади. Ќе гледаме возбудлив фудбал“, вели Анчелоти.
Дуелот на шпанскиот и францускиот гигант сепак има и друга димензија во многу заладените односи на двата клуба, особено нивните први луѓе Флорентино Перез односно Насер Ал Келаифи, па „Л’Екип“, пресметката ја окарактеризира како завршен чин на „студената војна“.
Реал и ПСЖ ги заладија односите во последно време поради Мбапе, но битката има позадина и поради спорната Суперлига, зад која главен иницијатор е Перез, а главен кочничар Ал Келаифи, прв човек на ЕКА и член на Извршниот комитет на УЕФА, кој се посочува дека е движечка сила во европскиот фудбал од сенка и дека првиот човек на европската централа игра како што свири Катарецот.
МОЖНИ СОСТАВИ
ПСЖ – РЕАЛ МАДРИД
„Парк на принцовите“, Париз, 21 часот – судија Даниеле Орсато (Италија)
ПСЖ: Навас – Хакими, Маркињос, Кимпембе, Нуњо Мендеш – Данило, Паредес, Верати – Ди Марија, Меси, Мбапе
РЕАЛ МАДРИД: Куртоа – Карвахал, Милитао, Алаба, Менди – Крос, Касемиро, Модриќ – Асенсио, Бензема,Винисиус