Пред 32 години Југославија последен пат играше на еден голем турнир, на СП во Италија во 1990 година, каде завршија како петти, а добро го препотија Диего Марадона, но од некогаш бившата држава од која произлегоа седум независни држави, да беше сега во Катар ќе имаше – страшен тим полн со ѕвезди.
Безмалку пред секој голем турнир, светски медиуми, а и јавноста се присетува на Југославија, но овојпат Аргентинците составија екипа од која „боли глава“ и која веројатно би била меѓу четири-пет кандидати и за светската титула.
„Од некогаш моќната Југославија произлегоа седум држави, Србија, Хрватска, БиХ, Словенија, Црна Гора, Македонија и Косово, а од нив само две ќе играат во Катар. Тешко е да се зборува хипотетички после 32 години, ама да не се случеше тоа што се случи, застрашувачки моќно делува тим полн со ѕвезди“, пишува најпопуларниот спортски медиум во земјата двоен светски првак.
ГОЛМАНИ: Кај чуварите на мрежата, Јан Облак (Словенија) е на врвот на листата, еден од најдобрите во моментов. А, сега замислете кои сè конкурираат – Самир Хандановиќ (БиХ) од Интер, Асмир Беговиќ (БиХ) од Евертон, па србите Предраг Рајковиќ (Мајорка) и Марко Дмитровиќ (Севилја) и на крај Македонецот Столе Димитриевски.
ОДБРАНА: Југославија беше позната како земја каде играле одлични дефанзивци, цврсти, добри со топка, бескомпромисни. Стефан Савиќ (Атлетико Мадрид, Црна Гора) и Јошко Гвардиол (Хрватска, РБ Лајпциг) со Шиме Врсаљко (Хрватска, Олимпијакос) и Сеад Колашинац (БиХ) како бекови. А, плус на располагање Никола Миленковиќ, Никола Максимовиќ (Србија), Дејан Ловрен (Хрватска), Адам Марушиќ (Црна Гора), Езџјан Алиоски (Македонија), Амир Рахмани (Косово)
СРЕДЕН РЕД: Нема сомнение дека маестрото на тимот би бил Лука Модриќ (Хрватска), со Марсело Брозовиќ (Хрватска) и Сергеј Милинковиќ-Савиќ (Србија) во средината, ама колку само талент има за овие позиции понатаму – Филип Костиќ, Немања Матиќ, Иван Илиќ (Србија), Миралем Пјаниќ (БиХ), Марио Пашалиќ, Иван Ракитиќ, Матео Ковачиќ, Иван Перишиќ (Хрватска), плус младиот Елиф Елмас (Македонија).
НАПАД: Нападот делува и позастрашувачки кога ќе видите кој сè би бил на располагање. Прв избор Душан Влаховиќ (Србија), а ги имате Един Џеко и Един Виска (БиХ), Душан Тадиќ, Александар Митровиќ, Лука Јовиќ (Србија), Андреј Крамариќ, Анте Ребиќ (Хрватска), Стефан Јоветиќ (Црна Гора), Бенјамин Шешко (Словенија).