ФФМ во соработка со општина Аеродром е носител на проектот, додека во изградбата е вклучена и поддршка од Владата на Република Македонија.
Проектот за новиот стадион, исто така, е директно поддржан со средства од Европската куќа на фудбалот (УЕФА) и Светската фудбалска федерација (ФИФА) со програмите за подобрување на фудбалската инфраструктура.
„Поттикнати од искрената желба и отвореноста за помош и поддршка од општина Аеродром и градоначалникот Муцунски, но и државните институции и по одржани неколку состаноци со одговорните луѓе во УЕФА и ФИФА, заедно со членовите на У.О. на ФФМ донесовме одлука за изградба на нов, репрезентативен стадион во рамки на „Куќа на фудбалот“.
Започнуваме постапка за изградба на стадион со минимален капацитет од 12.000 гледачи по сите критериуми на УЕФА и ФИФА за одигрување на клупски и репрезентативни натпревари од највисок ранг.
Наша обврска како Фудбалска федерација на Македонија е да придонесеме за напредок на фудбалот, а најдобар начин да го потврдиме тоа е преку изградба на стадион кој ќе биде обележје на времето кое ни ги носи најголемите фудбалски успеси во нашата историја“, кажа претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.