Вардар добро го отвори натпреварот, играше дисциплинирана и цврста одбрана и со помош од Мартин Томовски успеа да води во добар дел од првото полувреме. Функционираше добро контра-нападот, па и позиционите акции, пред се водени од Филип Талески.
Водството дојде до највисоки 14-10 во 20. минута, но во брзо темпо со многу трчање Целје, сепак, успеа да излезе од негативата и на пауза да се избори за 17-17.
Во вториот дел македонскиот шампион беше рамноправен во првите десетина минути кога важеше 21-21, а потоа очекувано падна. Недостатокот на алтернативи за првата постава, заморот и безидејноста ги стигна во нападот, а Целје направи серија од 10-4, со која поита кон конечната победа. Филип Талески беше најефикасен со девет гола, но немаше поддршка од соиграчите, следен на листата со стрелци беше Куни Моралес со четири.
Вардар ќе го освои второто место во групата Б и ќе се бори за третата позиција на конечниот пласман, со второпласираниот од групата А. Целје ќе игра финале со првиот оттаму, во обид да го повтори успехот од 2018 година, кога ја освои Струга. Кои ќе им бидат противниците ќе покаже утрешниот, последен ден од фазата по групи во кој на Пелистер му треба само да остане непоразен од АЕК (утре од 21.15 ч.) за да го потврди првото место и да оди во финалето. Тоа му го овозможи денешниот триумф над Татран Прешов со 25-24.