Кошаркарите на Гостивар уште во второто коло од новата прволигашка сезона направија изненадување кое сигурно ќе влезе меѓу најголемите во сезоната, откако со голема борбеност го совладаа шампионот МЗТ Скопје (80-79) и тоа среде Аеродром.
Гостиварци не се исплашија од АБА-лигашот , што најдобро се виде од стартот со 11-0 со кој најавија дека не се дојдени само да одиграат. Следуваше контра-серија на „металците“, кои со 17-3 пред крајот на првото полувреме направија резултатски пресврт. Втората четвртина се покажа како пресудна за крајниот исход, со оглед што гостите на полувреме заминаа со највисоки плус 12 (49-37) .
Грузискиот репрезентативец Георги Корсантија со 19 поени и 10 скока беше прво име во победничкиот тим, каде што одлични беа уште и Маслинко со 18, Пипкинс со 17 и Ефремовски со 16 поени. Бојан Крстевски со 15 поени беше најефикасен кај шампионот.
Ова беше последен меч од 2. коло од Првата лига, кој требаше да послужи како загревање за МЗТ во пресрет на саботниот дерби-дуел за опстанок во АБА против СЦ Дерби (20.30 часот) на домашен терен.