Кошаркарот и капитен на белградски Партизан, Кевин Пантер, не е веќе анонимус и за кошркарските познавачи во САД, иако не одиграл ниту минута во НБА-лигата и цела своја кариера ја мина во Европа. Беше гостин во подгастот „Swish cultures“, каде што зборуваше за кариерата, за своите планови и желби.
Најдобриот кошаркар на црно-белите, раскажа како уште како млад имал две главни цели: да игра во НБА и да го згрижи финансиски своето семејство.
„Јас лесно би дошол во НБА-лигата, но финансиски не би можел да направам некои работи за кои сум сонувал. Пред некое време ѝ реков на мајка ми: кога растев, имав два сништа. Еден беше да играм во НБА, другиот да го згрижам семејството. Како што растев, тие два сона се оддалечуваа еден од друг. Морав да размислам и да видам што ми е поважно, дали делот со НБА или финансискиот. На крајот на денот, не можеш да играш кошарка довека. Кога ќе заврши сѐ, ќе сакаш да имаш нешто да покажеш. Немој да дозволиш да те искористи кошарката, ти искористи ја неа“, ги сподели кошаркарот своите размислувања.
Откако со години играл за малку пари, конечно стигнал до првиот милион, во Партизан.
„Кога првпат стигнав во Европа заработував 40.000 долари. Мојот прв договор вреден повеќе од милион евра го потпишав во шестата сезона. Точно пет години ми беа потребни да дојдам од 40.000 до договор со седум цифри“, откри Пантер.
Меѓутоа зад сето тоа се криела макотрпна работа не толку за време на сезоната, колку во текот на летото, додека конкуренцијата, главно одмора.
„Имав цел. Кога играв за Лаврио, мојот прв тим во Европа, гледав Евролига. Квалитетот на натпреварите беше сосема различен, мислев дека тоа не е ништо. Менаџерот ми објасни и му реков: морам да се кренам на тоа ниво. И секогаш кога се враќав во САД работев напорно. Само тренирав. Секогаш знаев што сакам. Ако одам во Европа, морам да бидам најдобриот играч таму. Од тоа ќе направам моја лична НБА. Имаше тешки моменти, но знаев што сакам. Сфатив колку пари таму се заработуваат и затоа секое лето работев, никогаш во животот не сум бил на одмор. Така е веќе осум години, секое лето“, раскажа бекот.
Тој ја почна кариерата во 2016 година во грчки Лаврио, потоа играше и за Антверпен (Белгија), Роса Радом (Полска), АЕК Атина, Виртус Болоња, Олимпијакос, Ц. Звезда, Олимпија Милано, пред да дојде во Партизан во 2021 година.