Македонската тенисерка Лина Ѓорческа го продолжува патот кон трофејот на турнирот во Скопје, вреден 40.000 долари, пласирајќи се во полуфиналето.
Во четвртфиналето, најдобрата македонска тенисерка го оправда статусот на четврта носителка и експресно ја збриша Сада Нахимана од Бурунди, која беше осморангирана (292. на ВТА-листата).
Ако во претходните дуели имаше проблеми и загубени сетови, денеска Ѓорческа победи со 6-0, 6-1, без да ѝ дозволи на противничката ниту еднаш да го освои сопствениот сервис.
Утре, во полуфиналето 29-годишната тетовка ќе се судри со две години помладата Ива Приморац од Хрватска, која игра одличен турнир и денеска ја шокира првата фаворитка во Скопје, Леола Жанжан од Франција, со 6-3, 6-2. Приморац го држи 683. место на светот во моментов, но досега трипати се има соочено со Ѓорческа и трипати славела македонската тенисерка. Последниот од тие дуели е годинава во мај, во Загреб, со 6-1, 6-1.