Вистинска сензација се случи на тенискиот мастерс во Рим, откако Унгарецот Фабијан Марожан во два сета го елиминира Карлос Алкараз, со 6-3, 7-6.
Последната подготовка за вториот годинешен гренслем турнир Роланд Гарос не мина според плановите за Шпанецот Алкараз, кој неочекувано загуби и тоа во момент кога се врати на првото место на АТП-листата.
Алкараз заедно со Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал, ако воопшто игра, е еден од главните фаворити за трофејот во Париз, но поразот од Марожан е лоша увертира пред стартот на гренслемот, чиј почеток е на 22 мај.
Малку познатиот Унгарец, инаку 135-ти на АТП го одигра веројатно мечот на кариерата, како во транс, па погоди буквално сѐ и го елиминира шпанскиот тенисер. Во четвртиот гем од првиот сет го направи првиот брејк за предност од 4-1, а иако Алкараз се врати до 4-3, сепак на крајот Марожан успеа да го освои и да поведе во дуелот.
Вториот сет беше далеку поинтересен, Марожан во петтиот гем дојде на чекор до брејк, имаше 0-40, ама Алкараз успеа да се извади, слично и два гема потоа кога имаше две брејк можности, но сетот отиде во тајбрејк и таму Шпанецот поведе со 4-1 и – застана. Со четири поени по ред, Марожан дојде сам да решава на свој сервис, па ги освои двата за конечните 7-4 во тајбрејкот и голема победа.
Унгарецот во осминафиналето ќе игра против Борна Чориќ, кој во два сета го елиминира Роберто Карбалјес Баена.