Тениската репрезентација на Србија деновиве настапува на натпреварувањето во Дејвис купот во Валенсија, а очекувано најголемо внимание на тамошните медиуми привлекува Новак Ѓоковиќ.
Шпанска „Марка“ на првиот тенисер на планетата и освојувачот на 24 гренслем-титули му посвети специјален текст за Србинот и за неговата огромна посветеност на сопствената нација.
„Ѓоковиќ е тенисер за десетка, пример за своите сонародници. Кога ќе го повика татковината, тој е првиот што одговара. Пет дена по триумфот на Ју-Ес опен и освојувањето на рекордната 24. гренслем-титула, Новак е во Валенсија, подготвен да ги брани боите на Србија во желбата да се пласира во последната фаза на Дејвис купот во Малага (21 до 26 ноември)“, пишуваат Шпанците.
Тие потсетуваат колку Новак ја сака Србија и колку Србите го обожуваат.
„Ѓоковиќ е сѐ во Србија. Еден авион го носи неговото име, има и поштенска марка со неговиот лик, тој доби дипломатски пасош по освојувањето на Дејвис купот, а во вторникот сонародниците му приредија незаборавен пречек на балконот што го делеше со српските кошаркари“, дополнува „Марка“.
Потоа тие го цитираат Ѓоковиќ.
„Се чувствував лошо што не играв тука минатата година и затоа сега, заедно со освојувањето на гренслем-турнирите, годинава приоритет ми е и освојувањето на победничкиот трофеј во Дејвис купот“, изјави популарниот Ноле.
Во текстот се посочува дека Новак не е во Шпанија само за да го исполни условот за настап на Олимписките игри, со напомена дека „право на настап има секој што постигнува историски успех во Дејвис купот и Олимписките игри“. Затоа, шпанскиот весниk заклучува:
„Новак игра за Србија зашто е патриот и сите треба да се угледате на неговата љубов кон сопствената татковина!“.