Поранешниот француски репрезентативец, Френк Рибери (39 години), денеска и официјално ги потврди шпекулациите за заминување во фудбалска пензија, откако преку социјалните мрежи со три реченици се збогува од својата најголема љубов.
Тој од лани беше член на италијанска Салернитана, каде што не се изнаигра поради проблеми со повредите, па затоа по најновиот проблем од пред извесно време реши дека е време да се пензионира иако имаше договор до крајот на сезоната.
„Топката застанува. Но, не и чувствата во мене. Ви благодарам на сите за оваа голема авантура“, напиша Рибери.
Французинот, зад кого се 22 професионални сезони, најдобрите партии ги имаше во дресот на Баерн Минхен, со кој славеше и во Лигата на шампионите. Тој во кариерата одигра 713 мечеви на кои даде 167 голови, забележа 249 асистенции и се радуваше на 24 трофеи.