МЗТ Скопје без никакви проблеми триумфира во првото вечно дерби сезонава, откако попладнево како гости го совладаа Работнички (66-47) во меч од 3. коло.
Без разлика на звучните имиња на тимовите, ова беше меч во кој победникот однапред беше познат, со оглед на огромната разлика на страна на „металците“, па единствена непозната беше само со која разлика ќе победат сино-белите. Средбата ќе остане запаметена како една од најлошите , со оглед на многуте грешки, загубени топки, промашувања и бавен ритам .
Димитар Мираковски и покрај поразот може да биде задоволен од односот на неговиот помладен тим и фактот што не беа декласирани со огромна разлика. Александар Петровиќ, пак, нормално си замина среќен поради победата, но повеќе од фактот што неговите кошаркари не се заморија премногу со оглед на рамномерно распределената минутажа, со оглед на тешкото гостување за три дека кај Цедевита Олимпија во АБА-лигата.
Бре Ајви со 16 поени и шест скока и Бојан Крстевски со 14 поени и шест скока беа најпрецизни кај МЗТ додека Ерик Крафорд со 16 поени и седум скока беше најефикасен кај Работнички. За актуелниот шампион ова беше втора победа на домашна сцена сезонава, додека за црвено-белите од „Градски парк“ и трет пораз во низа со што е последен на прволигашката табела.
ТАБЕЛА: Гостивар 3-0, Еуро Никел 2-1, МЗТ Скопје 2-1, Феникс 2-1, Пелистер 2-1, Чаир 2-1, Струмица 1-2, Кожув 1-2, ТФТ 1-2, Куманово 1-2, Академија ФМП 1-2, Работнички 0-3.