Александар Јончевски, одбра 14 кошаркари кои ќе дојдат на подготовките во пресрет на ноемврискиот циклус од претквалификациите за ЕП 2025, меѓу кои очекувано ги нема Ненад Димитријевиќ и Андреј Јакимовски поради обврски кон Уникс односно Вашингтон универзитетот, а одново има еден Американец.

Станува збор за Ти-Џеј Шортс (25 год, 175 см), кој игра за бундеслигашот Телеком Бон, а претходно настапувал за летонски Вентспилс, Хамбург и Крејлсхејм (Германија). Тој ќе треба да биде замената за популарниот Нено на плејмејкерската позиција и ќе биде втор најнизок натурализиран кошаркар во историјата на жолто-црвените, по сонародникот Маркиз Грин, кој пред повеќе од една деценија доби македонски пасош, но не и преголема шанса да настапи за нашата репрезентација.

Шортс беше најдобар стрелец во Бундеслигата минатата сезона со просек од 20,6 поени, а одлично игра и во сегашното германско првенство во кое придонесува со просечни 17 поени во четирите победи од исто толку средби на неговиот сегашен тим. На три средби сезонава во Лигата на шампионите, реализираше по 26,7 поени со 7,7 асистенции.

Македонија следниот месец ќе ги одмери силите со Норвешка (10 ноември) и со Данска (13 ноември), а двете средби ќе се одиграат во Гевгелија. Нашите и норвешките кошаркари досега немаат ниту еден пораз, па ќе биде исклучително важно да се радуваме на првата средба.

СПИСОК КОШАРКАРИ ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА:

Бобан Стајиќ (Пелистер)

Андреј Магдевски (МЗТ Скопје Аеродром)

Војдан Стојановски (МЗТ Скопје Аеродром)

Адем Мекиќ (МЗТ Скопје Аеродром)

Дамјан Робев (МЗТ Скопје Аеродром)

Бојан Крстевски (МЗТ Скопје Аеродром)

Виктор Ефремовски (Гостивар)

Андреј Маслинко (Гостивар)

Страхил Николов (ТФТ)

Амар Хот (Феникс 2010)

Кристијан Николов (Коњаспор-Турција)

Стојан Ѓуроски (Оуренсе – Шпанија)

Теодор Симиќ (Борац Бања Лука-БиХ)

Ти-Џеј Шортс (Телеком Бон-Германија)