Тренерот на турскиот првак Трабзонспор, Абдулах Авчи му наредил на македонскиот репрезентативец Барди да шутира од кај ќе стигне, објавија турските медиуми, за да го искористи „снајперскиот потенцијал“ на фудбалерот за врска.
Барди сезонава даде еден гол од слободен удар, а минатата недела од 30 метри против Ц. Звезда во Белград го погоди дирекот, но на тренинзите според најавите ги „кине мрежите“ од далечина, па Авчи донел одлука да му даде комплетна слобода на македонскиот репрезентативец да шутира почесто, односно секојпат кога ќе се најде во зоната пред голот.
„Авчи сака да ги искористи „снајперските“ можности на Барди и му порачал на македонскиот репрезентативец да не се воздржува од шутирање кога ќе се најде во зона за удар. Фудбалерот за врска на тренинзите покажува голема ефективност, дава евроголови и ги собира аплаузите, па тој потенцијал тренерот на Трабзон сака максимално да го искористи во следниот период“, пишуваат турски медиуми.
Барди летово дојде во Трабзон после пет години во шпански Леванте.