Македонија одигра релативно добро прво полувреме, но македонската младинска репрезентација го уништи со катастрофалниот втор дел од мечот против Турција, во второто коло од Европското првенство во Полска.
Турците славеа со 90-55 што е втор катастрофален пораз на Македонија на ова првенство, па утре против Белгија, нашите кошаркари ќе се борат за третото место во групата. Нашите млади кошаркари добро му парираа на противникот во првите 20 минути, на минута пред крајот беше израмнето (38-38), а потоа застанаа.
Во следните десет минути, македонската репрезентација не успеа да постигне ниту еден поен, Турција во тој период направи серија од 22-0 и отиде на убедливи 60-38. Третата четвртина Турците ја добија со 22-2 при што поентираше само Теодор Симиќ од линијата за слободни фрлања, а во цело второ полувреме Македонија постигна вкупно 15 поени.
Тома Стојановски беше најдобар играч во македонската репрезентација со 12 поени и 8 скока, а двоцифрен ефект имаше само уште Бојчев со 10 поени.
Нашите надежи во првото коло од групната фаза се сретнаа со соодветната селекција на Шпанија и забележаа пораз од дури 55 поени разлика (93-38).