Кошаркарите на Македонија ќе играат во квалификациите за ЕП 2025, откако во Осло, со извонредна игра, катастрофално го порази домаќинот Норвешка со 79-41.
За Македонците ова е петта победа од шест натпревари од претквалификациите, што значи второ по ред учество во последната фаза пред континенталниот собир. Пред две години имавме неуспешна епизода во група со Естонија, Италија и со Русија. Победата на гости во Осло се насети уште во првата четвртина, кога релативно лесно дојдовме до двоцифрена предност (24-12).
Норвежаните беа недораснат ривал во сите кошаркарски елементи, а избраниците на селекторот Александар Јончевски потврдија дека и без најдобрите во моментов, Димитријевиќ и Јакимовски, сепак, заслужуваат да бидат дел од европскиот кошаркарски крем. Американецот Ти-Џеј Шортс одново беше вистински лидер на Македонија со учинок од 22 поени, шест скока и пет асистенции, додека веднаш зад него беше Војдан Стојановски со 16 поени и пет скока.
Во квалификациите за ЕП 2025 ќе учествуваат 32 селекции поделени во осум групи со по четири национални селекции, а пласман на континенталниот собир ќе обезбедат по трите најдобри репрезентации. Домаќините Кипар, Финска, Летонија и Полска имаат сигурна проодност од групите во кои ќе се најдат без разлика на пласманот, заедно со двете најдобри од останатите три селекции на нивната табела. Натпреварите ќе се играат во четири циклуси и тоа ноември 2023, февруари и ноември 2024 и февруари 2025 година.