Српската звезда Никола Јокиќ собори рекорд стар 55 години, но Денвер го доживеа првиот пораз кога тој има трипл-дабл. Лидерот на Западната конференција го доживеа вториот пораз по ред. После Чикаго булс, сега победата ја однесе Сан Антонио спарс кој славеше со 128:120. На Денвер не му помогна ниту 26-тиот трипл-дабл во сезоната на Никола Јокиќ од 37 поени и по 11 скокови и 11 асистенции.

Ова е прв пораз сезонава за Денвер кога Јокиќ има трипл-дабл учинок. Досегашниот скор на Денвер беше 25-0, а интересно е што Јокиќ собори рекорд кој го држеше легендарниот Вилт Чембрлен. Ѕвездата на Денвер го одигра 33-тиот натпревар сезонава во која како центар има десет или повеќе асистенции, со што го собори рекордот на Чембрлен од сезоната 1967/68.

Главниот конкурент на Јокиќ за МВП признанието, Џоел Ембид е најзаслужен за победата на неговата Филаделфија од 120:119 над Портланд. Ембид поените за победа ги постигна на 1.1 секунда до крајот со што ги натера навивачите во „Велс Фарго центар“ да скандираат МВП. Тој натпреварот го заврши со 39 постигнати поени.

 

Во победнички ритам и тоа без повредениот Леброн Џејмс, е и ЛА Лејкерс кој ја оствари третата победа по ред. Последна жртва на Лејкерси е Торонто кој е совладан со 122:112. Деанџело Расел со 28 поени ги предводеше Лејкерси до триумф. Денис Шрудер даде 23, а Остин Ривс 18, додека кај Торонто Скот Барнс и Ануоби заедно дадоа 63 поени.

Со новата победа, Лејкерси сега имаат скор 33-34 и се наоѓаат на деветтото место во Западната конференција кое носи пласман во разигрувањето за плејофот.

Резултати: Филаделфија – Портланд 120:119, Вашингтон – Атланта 107:114, Мајами – Кливленд 119:115, Минесота – Бруклин 123:124, Сан Антонио – Денвер 128:120, ЛА Лејкерс – Торонто 122:112.