Словенецот Лука Дончиќ го оправдува епитетот најголем фаворит за МВП-трофејот сезонава во НБА, откако седми меч по ред има фантастичен учинок со што забележа остварување какво што не е видено 60 години.
Тој беше најзаслужен за триумфот на Далас маверикс во пресметката со Јута џез (103-100), постигнувајќи 33 поени со 11 асистенции и пет скока. „Телињата“ сега се на скор 3-4, а словенечкото „чудо од дете“ во сите средби реализираше најмалку 30 поени, што во најсилната лига на светот не е направено од 1962, кога таков ефект имаше легендарниот Вилт Чембрлен. Дончиќ е третиот во историјата со ваков учинок, со оглед што освен Чембрлен (двапати) ваков фантастичен старт имал и Џек Твајман во 1959 година.
За да го надмине рекордот на поранешниот центар на ЛА Лејкерс, Словенецот ќе треба да игра вака фантастично барем до крајот на годината, со оглед што Чембрлен има низа од 23 средби по ред на стартот од сезоната на кои постигнувал повеќе од 30 поени. Но, како во моментов игра Дончиќ, денот кога ќе собори ваков натчовечки ефект сигурно не е далеку.
РЕЗУЛТАТИ: Кливленд – Бостон 114-113, Мајами – Сакраменто 110-107, Њујорк – Атланта 99-112, Чикаго – Шарлот 106-88, Хјустон – ЛА Клиперс 101-109, Милвоки – Детроит 116-91, Сан Антонио – Торонто 100-143, Далас – Јута 103-100, Портланд – Мемфис 106-111, ЛА Лејкерс – Њу Орлеанс 120-117 (прод).