Женскиот ракомет стапува на сцена. Македонија е кодомаќин на Европското првенство за ракометарки, заедно со Црна Гора и со Словенија. Се што ќе се случува на теренот е шанса и обврска на ракометарките на Македонија да покажат храброст, борбеност и умешност.
Тешко ќе биде во група со Франција, Холандија и со Романија. Противниците на Македонија заедно имаат 23 медали од големите собири, а најопасниот е прв – Франција.
Тоа е актуелниот олимписки шампион, но и селекција која има наталожено гнев, откако ги загуби последните две финалиња на ЕП и СП, од Норвешка. Французинките имаат квалитет да бидат апсолутен владетел со светот, држејќи ги и олимпиското и мундијалското и континенталното злато во исто време, па во тој нестварен поход ќе тргнат од „Борис Трајковски“, вечерва од 18 часот, против Македонија.
Имаат неколку кадровски промени и подмладувања, на пример „вардарките“ Амандин Леино и Сираба Дембеле кажаа збогум на репрезентацијата, но тоа никако не го намалува квалитетот на триколорките. Селекторот Оливие Кремболц е цела вечност на кормилото, од 1998 до денес направи пауза само од три години.
Македонија, пак, е со една репрезентација која се гради, што од една страна значи неискуство на вакви големи настани, но од друга значи глад за докажување. Последниот наш настап на евро-собир е во 2012 година и ниедна од овие ракометарки не беше дел од него. И ние имаме искусен селектор во Љубомир Савевски, кој очекува дека овој национален тим да биде ‘рбет на македонскиот женски ракомет во следната деценија.
Шансите за сензација се мали, но задолжително е максимално залагање и борба за секоја топка. Вториот натпревар е в понеделник со Холандија, а најголеми шанси за изненадување имаме во третото коло, во среда, во пресметката со Романија.