Манчестер сити тешко освои три бода против Фулам (2-1), откако голот за победа беше постигнат дури во 95. минута, додека неверојатен меч беше одигран на „Еланд Роуд“ кој го доби Лидс со 4-3 против Борнмут.
Алварез погоди за водство на „граѓаните“ во првото полувреме, но радоста на тимот на Пеп Гвардиола не траеше долго затоа што најпрво Кансело доби директен црвен картон, а потоа Переира од пенал израмни на 1-1.
„Граѓаните“ имаа шанси за втор гол затоа што играа подобро и создаваа шанси, а Ерлинг Халанд во 74. минута успеа да ја затресе мрежата на Фулам, но погодокот беше поништен по прегледување на ВАР-снимката.
Фулам одлично се бранеше до самиот крај, но потоа еден наивен прекршок во судиското надополнување му овозможи на Сити да добие пенал, кој го реализираше Халанд за победа од 2-1.
Лидс одигра неверојатен натпревар против Борнмут, кој успеа да го добие со 4-3 и тоа од речиси загубена ситуација бидејќи во еден момент имаше негатива од два гола (1-3).
Родриго погоди за предност на Лидс во третата минута, но потоа Борнмут преку Таварние и Билинг стигна до пресврт од 2-1, додека Соланке на стартот на вториот дел зголеми на 3-1.
Домаќините не се откажуваа до крај, па набрзо преку Гринвуд и Купер погодија за 3-3, а победата им ја донесе Самервил во 84. минута од натпреварот.
На останатите натпревари Нотингем Форест одигра 2-2 против Брентфорд, додека Вулверхемптон загуби од Брајтон со 2-3.