Наполи продолжува во победнички стил во Серија А. Тимот на Лучијано Спалети ја совлада Аталанта на гости во Бергамо со 1-2 и се зацврсти на првото место на табелата со 35 бода. Иако беа без најдобриот играч оваа сезона Квича Кварацкелија, „наполитанците“ сепак покажаа класа и на овој меч.
Шанса од стартот доби македонскиот репрезентативец Елиф Елмас кој ја искористи на најдобар можен начин, постигнувајќи го победоносниот гол во 35.минута од дуелот.
Адемола Лукман во 19.минута донесе водство за Аталанта од пенал, а четири минути подоцна возврати Виктор Осимен за израмнување. Потоа Елмас стапи на сцена и Наполи освои нови три бода во трката за „скудетото“.