Белградски Партизан остана единствен да ја брани честа на фудбалот од екс-југословенските простори, откако вечерва со ремито 1-1 против Словачко обезбеди европска пролет со шеснаестинафинале во Конференциската лига.
Белградските црно-бели имаа дури и осминафинале во рака откако поведоа со гол на Бирбас Натхо четири минути пред полувремето, а Келн успеа да надомести два гола негатива против Ница, па Партизан во еден период беше прв во групата што значеше сигурно осминафинале.
Но, за да биде драмата поголема, белграѓани на 17 минути пред крајот примија гол откако Михалик погоди во нивната мрежа и потоа црно-белите се тресеа да не испаднат, зашто Томиќ на шест минути пред крајот имаше зицер и за пресврт чиј шут за среќа заврши над голот.
Партизан заврши со ист број на бодови како и Ница, но поради послабиот меѓусебен скор е втор, а Келн испадна од Европа, како и Словачко.
Андерлехт со 2-0 го победи Силкеборг на гости и го искористи исклучувањето во 26-та минута на противникот, за во последен момент да ја дофати втората позиција за европска пролет.
Вест Хем со 3-0 го сотре ФЦСБ, Хапоел Бер Шева со четворка ја наполни Австрија Виена (4-0), а дебакл доживеа Вилјареал кај Лех во Познањ (0-3) за Полјаците да го заверат пласманот во пролетните елиминации.