Легендата на на каталонците Жерар Пике, синоќа го одигра последниот натпревар во дресот на Барселона. На 35-годишна возраст, во својата 14-та сезона во Барса, Пике одлучи дека е вистинското време да се збогува.
Неговата одлука ги шокираше сите во Барса, но Пике по свирежите по грешката против Интер оцени дека е најдобро да се повлече.
По почесниот круг и аплаузите од 98.000 навивачи, Пике кажа „збогум“ со емотивни зборови, но само како играч, бидејќи сигурно ќе биде редовен на „Камп Ноу“.
„Ви благодарам на сите. Во животот, кога малку ќе пораснете, понекогаш сфаќате дека љубовта е и моментот кога треба да заминете. Сигурен сум дека во иднина повторно ќе бидам тука, ова не е „збогум“. Ја сакам Барса повеќе од се и затоа проценив дека е вистинскиот момент да се повлечам. Тука сум роден, тука ќе умрам“, изјави Пике.
Интересно е што се појави информацијата дека Пике ќе се кандидира за претседателската фотелја веќе на следните избори, кои според статутот на клубот мора да се одржат во 2024 година.
Со своето пензионирање Пике веќе го исполни првиот услов – мораше да се повлече од фудбалот две години порано или подобро кажано, доколку не се пензионираше во овој момент, немаше да може да се кандидира за функцијата на следните избори.
Иако Пике не го кажал тоа, не сакајќи да го расипе моментот, блиски извори пишуваат дека бил разочаран од однесувањето на актуелната управа, што индиректно придонело за неговата одлука да се повлече.
Лапорта ја има поддршката од навивачите, но доколку не ги оствари зацртаните цели и наскоро не ја врати Барса на врвот, нема дилема дека порано или подоцна јавноста во Каталонија ќе му даде поголема поддршка на Пике.
Впрочем, тој одамна го доби прекарот „Ел претседател“, бидејќи сите го гледаат како иден претседател на клубот.