Фудбалерите на Лос Анџелес се победници во МЛС-лигата во САД, откако во синоќешното драматично финале ја совладаа Филаделфија дури по изведување пенали.

Регуларниот дел од средбата заврши со 2-2, а двата тима во продолженијата постигнаа уште по еден гол. Херој на вечерта беше Герет Бејл, кој во 128. минута го спаси тимот од Лос Анџелес од бездната со оглед што му донесе изедначување, за потоа подобро да се снајде во ударите од белата точка. Лос Анџелес поведе со голот на Акоста во 27. минута, а Газдаг израмни во 59. минута. ЛА повторно поведе, но Филаделфија со погодокот на Елиот во 85. минута повторно израмни.

 

Во продолжувањата прво голманот на Лос Анџелес, Максим Крепо, во 116. минута доби црвен картон поради фаул направен надвор од шеснаесетникот, при што си ја скрши ногата и на носилки беше изнесен од теренот. Резервниот голман Мекарти имаше лош старт и прими гол во 124 минута, но четири минути подоцна Бејл погоди за ново изедначување и за пенали.

Во пенал-рулетот, фудбалерите на Филаделфија ги промашија сите три пенали што ги шутнаа (резервниот голман на ЛА одбрани два пати, а еден удар беше над голот), па трофејот за најдобар тим во МЛС шампионатот заврши кај Лос Анџелес.