Кошаркарите на Денвер нагетс убедливо го совладаа Сан Антонио спарс (126-101) во меч во кој одново блескаше Никола Јокиќ, кој средбата ја заврши со 21 поен, 10 асистенции и шест скока и само едно промашување во ударите од поле (9/10).

Составот од Колорадо победата ја обезбеди уште во првото полувреме (70-59), поради што српскиот репрезентативец одигра само 26 минути, доволно за уште една партија за паметење. Меѓу потезите за кои ќе се раскажува е и асистенцијата која никој не ја очекуваше буквално „низ ушите“ на тројца противнички кошаркари. Најефикасен кај „нагетси“ беше Боунс Хајленд со 24 поени, Мајкл Портер додаде 15 поени, а Џамал Мареј имаше 13 поени и девет асистенции.

 

Најдраматично синоќа во НБА беше во Орландо, каде што „магичните“ загубија во пресметката со Сакраменто кингс (123-126), откако противникот постигна тројка со звукот на сирената во продолжението, речиси од половина терен. Јунак на вечерта беше Диарон Фокс, кој неочекувано застана и стрелаше од огромна далечина, за победнички кош за „кралевите“. Орландо прокоцка предност од речиси 20 поени, а Фокс беше најдобар кај гостите од Калифорнија со 37 поени.

 

РЕЗУЛТАТИ: Орландо-Сакраменто 123-126, Шарлот – Бруклин 94-98, Атланта – Њу Орлеанс 124-121 (п), Њујорк – Бостон 118-133, Милвоки – Оклахома 108-94, Минесота – Хјустон 129-117, Денвер – Сан Антонио 126-101, Феникс – Портланд 102-82.