Кошаркарите на Лос Анџелес Лејкерс направија големо изненадување, совладувајќи го како гостин најдобриот тим во лигата Бостон Селтикс со 114-105.
Изненадувањето е поради тоа што за Лејкерси не играа првите ѕвезди Леброн Џејмс и Ентони Дејвис кои поради повреди не настапија на овој натпревар. Со победата се остварија зборовите на Леброн Џејмс кој пред два дена рече дека Лејкерс можат да ги победат најдобрите во лигата но потоа и да загубат од најслабите.
Ѕвезда на вечерта сега беше Остин Ривс кој ја искористи поголемата слобода во играта и постигна 32 поени со седум тројки од десет шута. Лејкерс доминираше цело второ полувреме во кое најчесто имаше двоцифрена предност, а иако се очекуваше домаќините да направат притисок во последната четвртина, тоа не се случи.
Џејсон Тејтум со 23 поени го предводеше тимот на Бостон кој 20 натпревари по ред од почетокот на сезоната беше несовладан на домашен терен, а синоќа го претрпе третиот пораз во последните пет дуели пред своите навивачи.
РЕЗУЛТАТИ
Бостон – ЛА Лејкерс 105-114
Њујорк – Индијана 109-105
Мемфис – Кливленд 101-108
Јута – Филаделфија 124-127