Пред почетокот на дербито во Денвер беше најавено дека Жоел Ембид конечно ќе се појави на теренот во Бол арената и ќе игра против Никола Јокиќ.

Се појави, но само на загревање по што со докторскиот тим на Филаделфија заклучи дека има повреда на коленото и дека не може да настапи. Ова беше петта година по ред во која Камерунецот со американски пасош одби да игра против Денвер со таа разлика што сега барем допатува во Колорадо.

 

Интересно е тоа што отсуството на Ембид се почувствува во редовите на Денвер. Тактиката веројатно била насочена кон него, па шампионот долго време се мачеше да ја пронајде својата игра и да го скрши отпорот на ослабениот ривал. Дури и Никола Јокиќ до полувреме имаше само шест поени на своето конто и да не беше расположениот Мареј,  кој стигна до 20 поени, којзнае каде ќе одеше натпреварот.

Тоа се смени дури на четири минути пред крајот кога при резултат 96-96, Денвер постигна седум поени во низа, Јокиќ се разигра и Денвер дојде до победа од 111-105. Србинот го заврши дуелот со 26 поени, 16 скока и 7 асистенции, Мареј во второто полувреме застана, па стигна до само 23 поени, а Портер имаше 20 поени и 8 скока. Кај Филаделфија, Рид беше најдобар со 30 поени и 13 скока, Убре додаде 25 поени, а Морис и Беверли додадоа по 17.