Спектакуларен натпревар во НБА, е одигран синоќа во Сан Франциско каде Голден Стејт и Лос Анџелес Лејкерс им приредија кошаркарски маратон на навивачите и за да го одлучат победникот мораа да играат и две продолженија.
Триумфираше Лејкерс минимално со 145-144, а пресудија слободните фрлања на Леброн Џејмс на 1,2 секунди пред крајот на второто продолжение. Суперѕвездата на гостинскиот тим оствари трипл дабл со 36 поени, 20 скока и 12 асистенции.
„За ова ќе им раскажувам на внуците, за тоа како се натпреварував со најдобрите кошаркари кои некогаш играле“, беше Леброн полн со комплименти за противниците кои дадоа се од себе да дојдат до триумф.
Лејкерс имаше водство од 118-116 пред крајот на основниот дел за на шест секунди пред истекот на времето Стеф Кари да постигне кош за израмнување и прво продолжение. Во него, Лејкерс пак водеа на 11 секунди пред крајот (130-127), но Томпсон погоди тројка и се избори за нови дополнителни пет минути. На шест секунди пред крајот на второто продолжение, Кари постигна тројка за 144-143, но Грин во финишот го фаулира Леброн кому не му затрепери раката и со два прецизни шута му донесе победа на својот тим.
Најефикасен сепак беше Стеф Кари кој диригираше и уфрли 46 поени, ама немаше сили да погоди од своја половина за победа. „Кралот“ финишира со „трипл-дабл“ ефект и тоа моќен, освен 36 уфрлени поени тој фати и неверојатни 20 скока, а подели и 12 асистенции. Одлични партии одиграа Дејвис со 29 и Расел со 28 поени кај Лејкерси, додека 24 поени уфрли Томпсон а Вигинс и Куминга по 22 поена.