На последниот натпревар на турнирот во Скопје, дел од „Ф“ претквалификациската група за пласман на Светскиот Куп 2023, Македонија и Словачка го одиграа најефикасниот меч на турнирот. Словачка победи заслужено со 72:88, но имавме доволна залиха да го одбраниме првото место во оваа конкуренција кое води кон планираната цел – настап во квалификациите за Светскиот куп во 2023 година
Израмнето се играше во првата четвртина иако во тие десет минути имаше само два нерешени резултати. Прво (2:2) нешто подоцна (13:13). Словачка имаше плус 4, исто така во два наврати. Во првиот водство од (9:5), а на крајот на првиот период и (17:13).
На нецели три минути од втората четвртина, Македонија беше селекцијата која имаше позитива од четири поени. По положувањето на Вајли, и серијата (10-2), водевме со (23:19).
По тајм-аутот на Словачка, и поените на Крстевски имавме највисока предност (26:21). Ја одржувавме се до последната минута од првото полувреме во кое противникот со девет поени по ред, го презема водството. На полувремето водеше со највисоки, за нив (38:32).
Останаа проблемите, дури станаа и поголеми во третиот дел од последнипт натпревар на турнирот во Скопје. Им дозволивме на Словаците да се разиграат во нападот. Прво со серија од (10-0), да поведат со посакуваната за нив, разлика (48:32). Водство кое и го одржуваа во најголем дел од третата четвртина која ја завршивме со слична негатива (51:66).
Во таков, непосакуван ритам продолживме и во четвртината во која падна конечната одлука кои две од трите селекции од групата „Ф“ ќе играат квалификации за Светскиот Куп 2023. Словачка со победата од 16 поени разлика го зазеде второто место од групата.
Пласман во квалификациите веќе обезбедија селекциите на Летонија и Белорусија кои се дел од групата „Д“. Од групата „Ц“ добитна комбинација имаат Португалија и Шведска, а од групата „Е“, Црна Гора и Исланд.