Уште еден играч од школата на Барса ќе си оди од тимот на лето, и ова би била најправилна одлука на раководството на клубот.
Ветеранот Сержи Роберто целата своја професионална кариера ја помина во Барселона но нема апсолутно никаков ефект врз играта. Повремено блеснеше, како со оној фамозен гол против ПСЖ за 6-1 во 2017 година и уште неколку Ел Класика, но освен тоа што може да игра на повеќе позиции, Барса немаше голема корист од него.
Сержи Роберто ќе биде првата жртва од заминувањето на Чави бидејќи токму актуелниот тренер инсистираше тој да биде задржан и да му биде продолжен договорот на уште една сезона. Раководството на клубот беше против тоа, но Чави тврдеше дека тој ќе биде значаен за соблекувалната, особено по заминувањето на Бускетс и претходно на Пике, а поради доаѓањето и стасувањето на голем број млади фудбалери.
Сега веќе нема кој да го брани Роберто, и тој на 32 години ќе мора да си побара нов тим. Не е исклучено да се пресели во Интер Мајами за што имаше шпекулации минатите месеци, а каде би се споил со своите поранешни соиграчи Меси, Бускетс, Алба и Суарез.